Масовната кампања за вакцинирање против Ковид-19 ја ослабе врската во Велика Британија помеѓу заразените со коронавирус и смртните случаи, но сè уште не е целосно прекината, изјави шефот на научното советодавно тело на британската влада.
Британскиот премиер Борис Џонсон се надева дека ќе ги укине повеќето преостанати ограничувања на 19 јули, откако истите мораше да ги одложи за еден месец, поради зголемениот број на заразени со „делта“ варијантата на коронавирусот, кој првпат се појави во Индија.
Питер Хорби, претседател на владиното советодавно тело, изјави дека Велика Британија има многу помалку хоспитализации.
На прашањето дали има доволно докази дека вакцините ја прекинале врската помеѓу вирусот и тешките форми на болест и смрт, тој изјави: „Тие сигурно ја ослабеле таа врска“.
Првата доза на вакцината ја примиле повеќе од 80 проценти од возрасната популација, а втората повеќе од 60 проценти, покажуваат официјалните податоци во Велика Британија.
„Дефинитивно гледаме повисока стапка на инфекции, но и многу помалку хоспитализации, така што таа врска е навистина многу послаба, што е навистина фантастично, но сè уште не е целосно прекината“, рече Хорби.
Тој признава дека пристигнувањето на „делта“ варијанта на коронавирусот и неговото ширење можело да биде спречено доколку навремено биле воведени построги мерки на границата.
Поврзани артикли