Турција има намера до крајот на оваа деценија да испрати ровер на Месечината, користејќи ракетен мотор од домашно производство, кој би требало да се тестира во 2023 година на пробен лет.
Претседателот на Турската вселенска агенција (ТУА), Сердар Хусеин Јилдирим, во вторникот во Санкт Петербург говореше на Глобалната конференција за истражување на вселената (ГЛЕКС) 2021, за плановите на неговата вселенска програма.
Роверот, според Јилдирим, би требало да биде лансиран во 2028 или 2029 година, да слета на Месечината и да спроведе истражување на нејзината површина, пишува Space.com.
Ракетата што ќе го однесе роверот на Месечината треба да биде од домашно производство, односно ќе има мотор кој во моментов се развива во Турција. Со цел властите да ја осигурат исправноста на моторот, тие ќе испратат прототип ракета на Месечината на крајот на 2023 година, доколку сè оди според планот.
„Имаме намера да стигнеме до Месечината со сопствен мотор. Но, во првата фаза, со меѓународна соработка, ќе го однесме леталото во ниската орбита на Земјата“, рече Јилдирим.
Според турската новинска агенција „Анадолија“, со мисијата во 2023 година ќе се изврши тврдо слетување, што ќе им овозможи на турските инженери да соберат податоци за успешно спроведување на мекото слетување кон крајот на деценијата.
Терминот „тврдо слетување“ се однесува на слетување на земја, што предизвикува значителна штета на леталото и што често резултира со губење на контакт. Овој тип на слетување може да биде намерен или планиран, но може да биде и неуспешен обид за меко слетување.
Турција, исто така, планира да испрати 30 астронаути на Меѓународната вселенска станица (ISS) во наредните години за таму да спроведат научни експерименти.