До овој месец National Geographic признаваше четири океани на нашата планета – Арктички, Атлантски, Индиски и Тихи Океан, а од минатата недела призна уште еден – Јужниот Океан. Тој океан целосно го опкружува Антарктикот и се протега северно од Антарктикот до 60 степени јужна географска ширина, а е поврзан со Атлантскиот, Индискиот и Тихиот Океан.
Иако означувањето на студените води околу ледениот јужен континент како посебен океан започна пред скоро 100 години и е широко користено од научниците, досега немаше популарна поддршка.
Но, на 8 јуни – Светскиот ден на океаните – Друштвото соопшти дека отсега ќе го означува Јужниот Океан како петти океан на своите мапи на нашата планета.
Океанот е постуден и помалку солен во однос на водата на северот поради Антарктичката циркумполарна струја, односно ладна морска струја која се движи од запад кон исток, а научниците сметаат дека настанала пред 34 милиони години, кога просторот на денешниот Антарктик се одвоил од Јужна Америка.
National Geographic започна да прави мапи во 1915 година, но Друштвото формално признаваше само четири океани, дефинирани од континентите со кои се граничеа.
Спротивно на тоа, Јужниот Океан не е дефиниран од континентите што го опкружуваат, туку од Антарктичката циркумполарна струја (ACC) што тече од запад кон исток.