Ново истражување во кое научниците го продолжија животниот век на лабораториски глувци за 23 проценти со помош на специјални протеини, може да им го отвори патот на луѓето да живеат до 120 години.
Израелски научници кај 250 глувци го зголемија снабдувањето со протеин SIRT6 кој „ја контролира стапката на здраво стареење“, но обично опаѓа во текот на целиот живот, и постигнаа неверојатни резултати.
Очекуваниот животен век на нивните испитаници не само што се зголемил за 23 проценти, туку тие биле и повитални и помалку подложни на рак во споредба со обичните глувци, се вели во трудот објавен во списанието Nature Communications.
„Промените што ги видовме кај глувците може да се применат и кај луѓето, и тоа би било многу возбудливо“, изјави за Times of Israel проф. Хаим Коен од Универзитетот Бар-Илан, кој го водеше истражувањето,.
Ако луѓето примаат еквивалент на протеинот, нивниот просечен животен век може да достигне скоро 120 години, рече тој. Во 2019 година, пред пандемијата на COVID-19, Обединетите нации проценија дека просечниот животен век на една личност е 72,6 години, пренесува Russia Today.
Лабораторијата на Коен во моментов бара начини за безбедно зголемување на нивото на протеинот SIRT6 кај луѓето. Глувците се генетски модифицирани, но на луѓето ќе им требаат лекови за да го постигнат истиот ефект.
„Развиваме мали молекули кои можат да го зголемат нивото на SIRT6 или да ги направат поактивни постојните количини на протеини“, рече научникот додавајќи дека очекува конкретни резултати за две или три години.
Коен работи на ова прашање подолго време и веќе пријави 15% зголемување на животниот век на глувците во 2012 година. Сепак, неговиот лек тогаш работеше само на машки глодари.
Новата студија, направена во соработка со меѓународни научници, вклучително и проф. Рафаела де Каба од американскиот Национален институт за здравство, забележа големо подобрување. Машките животни живееле 30 проценти подолго, додека животниот век на женките исто така се зголемил за 15 проценти.
Извор: Klix.ba