За победничките решенија обезбеден е награден фонд од 3000 евра, кои ќе им послужат за имплементација на решенијата
Изминатиот викенд за одржа првиот виртуелен хакатон за намалување на сивата економија во е-трговија, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Десет тимови составени од студенти од Економскиот факултет, Скопје и ФИНКИ работеа на креативни решенија одговарајќи на еден од двата поставени предизвици “Едуцирај и мотивирај” и “Детектирај и сузбиј”.
По 48 часовна работа на тимовите кои беа менторирани од 18 ментори од приватниот сектор, академијата, како и институциите УЈП и Царинската управа, во неделата тие ги презентираа своите решенија пред жири комисијата составена од д-р Нина Ангеловска, Претседател на АЕТМ, Проф. Д-р Димитар Трајанов, од ФИНКИ и Проф. Д-р – Ежени Брзовска, од Екононскиот факултет – Скопје. По евалуацијата од жирито, беа прогласени три победнички тимови чии концепт решенија се состоеа од: веб платформа со можност за рецензии за е-трговци, веб платформа за пријавување на нерегуларности при е-купување и надградување на регистарот на е-трговци со рејтинзи, како и екстензија со автоматски систем за проверка на легитимноста на е-трговците.
– Ваквите натпревари се одличен начин за студентите да остварат нови контакти и да соберат нови знаења додека работат на креативни солуции кои ќе имаат придонес кон решавање на одреден проблем. 50 студенти сега имаат поголема свест за штетноста на сивата економија воопшто и се запознаени со повеќе аспекти за фунционирањето на системот, додека 13 студенти од три наградени тимови ќе имаат можност да ги имплементираат нивните решенија во пракса и да бидат дел од промените. Сите можеме и мораме да влијаеме кон промените и драго ми е што оваа иницијатива го покажува токму тоа на дело. – посочи д-р Нина Ангеловска, Претседател на АЕТМ
– „Хакатонот Хакирај ја сивата економија беше одлично искуство каде студентите го развиваа својот креативен потенцијал и ги презентираа своите идеи, артикулирајќи ентузијазам, сигурност и посветеност. Сметам дека мултидисциплинарниот пристап како начин за решавање на актуелни проблеми претставува одлична можност за студентите за размена и демонстирање на нивните иновативни размислувања и идеи.” изјави проф. д-р, Ежени Брзовска.
– „На хакатонот беа презентирани интересни и иновативни идеи како да се справиме со сивата економија. Имаше многу ентузијазам во развојот на идеите и очекувам дека победничките идеи ќе успеат да ја направат посакуваната промена во општеството. Воедно овој настан беше одлична можност за вмрежување и запознавање на студентите од ФИНКИ со студентите од Економски факултет, со што и едните и другите имаа можност да ги погледнат работите од друг агол и преку тоа да научат многу нови работи.” – додаде проф. д-р. Димитар Трајанов
За победничките решенија обезбеден е награден фонд од 3000 евра, кои ќе им послужат за имплементација на решенијата.
– „Ни беше чест и задоволство да учествуваме на ваков настан, преку смеа, дружба и напорна работа постигнавме нешто кое не доведе до врвот. Запознавме нови лица и научивме многу нови работи. Најважно, стекнавме добри искуства и нови пријателства и се надеваме дека нашето решение ќе биде од голема корист. Се надеваме дека ќе успееме да го реализираме тоа што сме го замислиле.” велат од победничките тимови.
Првиот хакатон за намалување на сивата економија во организација на АЕТМ се оддржа со поддршка од главниот партнер Mastercard, златните партнери Касис АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, дигиталниот партнер – A1 Македонија, како и со поддршка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на компаниите Ендава, Хаселт, Ред Бул, Кликни јади и Нескафе Македонија.