Американската вселенска агенција NASA соопшти дека нејзиниот хеликоптер Ingenuity успешно го извршил третиот лет на Марс. 

Малиот хеликоптер на NASA вчера се подигна на височина од пет метри, по што леташе латерално 50 метри, а потоа се врати на почетна позиција. Летот траеше вкупно 80 секунди.

Неделниот лет беше досега најамбициозен, но инженерите имаат намера да ги поместуваат границите во следниот период и да ја тестираат технологијата по цена на уништување на хеликоптерот

Претходните два лета беа извршени во понеделник и четврток, а првиот од нив ќе остане запишан во историјата како прв контролиран лет на друга планета.

 

Ingenuity стигна на Марс во утробата на роверот Perseverance, кој слета во кратерот Језеро на Црвената планета кон средината на февруари. Целта на хеликоптерот е да ја докаже можноста за летање во ретката атмосфера на Марс.