Асоцијацијата за е-трговија го анализираше бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места со цел да се креира слика каде најчесто Македонците купувале онлајн во текот на 2020 година.
Во текот на 2020 година Македонците реализирале вкупно 7,3 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 229,6 милиони евра, од кои 167,3 милиони евра кон домашни е-продавници, што претставува значајни 73 проценти во вкупната вредност на онлајн трансакции.
Со домашни платежни картички во странство, во 2020 година реализирани се вкупно 2.8 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 62,3 милиони евра, наспроти 100 милиони евра во 2019 година што претставува пад од 17,9% во бројот на трансакции и 38% во вредноста на трансакциите. Од Асоцијацијата за е-трговија коментираат дека падот е очекуван ако се земе предвид дека поради пандемијата не се патува, па трансакциите за авио-билети и резервации на хотели се драстично намалени.
Од вкупниот износ во вредност од 62,3 милиони евра кои Македонците во текот на 2020 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство странство, дури 73,6% од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји.