Многу научници сметаат дека 2017 година била „мрачна“ за технолошката индустрија и дека е одбележана со предвидливи надградби и спектакуларни падови. Се предвидува дека 2018 година ќе донесе некои нови „возбудувања“, кога станува збор за технологијата, а во продолжение ви претставуваме некои од нив.
„Зголемена“ реалност во вашиот џеб
Виртуелната и проширената реалност веќе најдоа свое место во индустријата на видеоигри и тој тренд би требало да продолжи и во 2018 година. Воведувањето на помодерен однос меѓу корисникот и технолошкиот уред подразбира воведување на 3Д проекции и препознавање на движења, што ќе овозможи уште подобро прифаќање и користење на овие технологии, но и ќе отвори прашања за приватноста и кибернетичката безбедност, за што исто така треба да се води сметка.
Асистирање при паркирање
Автономните возила веќе и не се некоја новост, но тешко дека во блиска иднина ќе гледаме такви возила на нашите патишта. Бројни препреки, како безбедносни, така и регулаторни, го ограничуваат понатамошниот развој на таквиот начин на превоз. Експерти сметаат дека произведувачите на автомобили повеќе ќе се фокусираат на асистиран транспорт (оној кој вклучува помош при паркирање, видео препознавање на препреки и предупредување на непознати предмети пред возилата), а автономните возила ќе мораат да почекаат уште малку.
Роботи во медицината
Иако роботите се присутни во индустријата веќе со години, се уште немаат пронајдено свое место во поширока примена. Меѓутоа, последните неколку години зголемена е побарувачката за „куќни“ роботи, како и нивни софистицирани верзии изработени за војска и индустрија. Во 2018 година би можело да дојде до поголема употреба на роботи во медицината, медицинската нега и другите медицински гранки.
Предвидување за хакерски напади
Кога се зборува за технологијата невозможно е да не се спомене кибернетичката безбедност и вештачката интелигенција, но овој пат во контекст против кибернетичкиот криминал. Хакерските напади стануваат се пософистицирани и на луѓето едноставно им е потребна помош за да можат да се одбранат. Се очекува луѓето и понатаму да го имаат главниот збор, бидејќи ниту вештачката интелигенција не е отпорна на хакерски напади, но би можела да помогне во предвидувањата каде ќе се случат тие напади и како да се заштитите.
Развој на виртуелни валути
Виртуелните валути како биткоин и лајткоин веќе се добро познати, а експертите веруваат дека во 2018 година би можеле да влезат во редовна употреба. Покрај тоа што внесуваат новости на финансискиот пазар, технологиите кои се развиваат во позадина на виртуелните валути би можеле да поттикнат понатамошен развој на кибернетичката безбедност и складирањето на податоци.
Апликации кои предвидуваат што сакаме
Ќе се појават апликации кои предвидуваат што сакаме, а комуникацијата меѓу корисниците и уредите се повеќе ќе наликува на комуникација на две лица во живо. На пример, мобилните телефони ќе прават се подобри фотографии, бидејќи сами ќе предвидат што и како сакаме да сликаме. Значително ќе се подобрат и опциите за уредување на видеа, па ќе снимаме повеќе „подвижни слики“, наместо статични фотографии.