Откриени се информации во рамките на tvOS 14.5 бета, кои сугерираат дека на Apple TV од следната генерација може да стигне поддршката за освежување од 120Hz. Ова значи дека купувачите на новите модели ќе уживаат во пофлуиден фрејмрејт.
Моментно, најновиот модел на Apple TV поддржува 4K резолуција, но бидејќи користи HDMI 2.0 порт, стапката на освежување е ограничена на 60Hz. Новиот модел може да имплементира HDMI порт 2.1, што може да овозможи поддршка за 4K @ 120Hz.
Секако, телевизорот на корисникот од старт ќе мора да поддржува 120Hz или повисока стапка на освежување, со цел споменатата функција да може да се искористи, така што оние кои имаат постари ТВ модели кои не нудат 120Hz, веројатно нема да можат целосно да ги искористат предностите на новата функција.
Засега не е познато кога Apple ќе го објави новиот Apple TV, а некои гласини споменуваат дека компанијата со новиот уред ќе објави и нов далечински управувач.