Вкупно 18 студенти од Академијата за дигитален маркетинг на Сеавус едукативниот и развоен центар (СЕДЦ) учествуваа на онлајн Хакатонот кој се спроведе изминатиот викенд.
Студентите преку тимска работа, со поддршка на менторите од СЕДЦ и Елемент ПР креираа успешни идејни решенија за маркетинг кампањи преку кои би се зголемила и подобрила промоцијата на едукативниот центар. Секој од тимовите имаше 48 часа да го изработи и презентира идејното решение.
Сите тимови изработија и понудија квалитетни маркетинг кампањи со многу иновативни решенија, а Сеавус едукативниот и развоен центар (СЕДЦ) и Елемент ПР одбраа една победничка кампања од овој Хакатон. Александра Маневска, Виктор Арсов, Томислав Бошески, Ана Саздова, Стефан Блажевски и Филип Штаклев се студентите кои ја креираа кампањата која во целост ќе биде имплементирана од Сеавус едукативниот и развоен центар (СЕДЦ) за академската 2021/2022 година.
Овој Хакатон за студентите беше предизвик да размислуваат креативно, да го применат практично материјалот кој беше обработен во текот на академската година и преку тимска работа и размена на идеи и можни решенија да понудат квалитетна кампања која би можела да се реализира, но и да искусат како реално се работи во маркетинг секторот и кои се предизвиците со кои ќе треба да се соочуваат при подготвување на една маркетинг кампања.
СЕДЦ е основан во 2010 година и претставува најголема Академија за дизајн и технологија во Македонија каде досега завршиле над 5000 студенти.
Во рамки на едукативниот центар успешно дејствуваат Академиите за програмирање, компјутерски мрежи, софтвер тестер и дизајн, а веќе во академската 2020/2021 година се отворени и две нови насоки за кои се покажа голем интерес, а тоа се Академијата за дигитален маркетинг и Академија за Data Science.