Воведувањето на електронските СИМ картички – еСИМ го означува почетокот на крајот на традиционалните СИМ картички. Оваа иновативна технологија ќе донесе многу придобивки за корисниците, но и ќе овозможи заштита на животната средина.
eСИМ е кратенка за „embedded СИМ“, односно „вградена СИМ картичка“ којашто се вчитува како софтвер на телефонот и физички не постои. Таа се активира едноставно, со скенирање QR код, со што еСИМ профилот се презема преку интернет, криптиран, за да се обезбеди највисоко ниво на сигурност.
Оваа нова технологија е уште еден чекор кон светот на „Интернет на нештата“ (IoT) бидејќи таа поставува темели за зголемување на употребата на поврзани уреди коишто со текот на времето повеќекратно ќе ги надминат по бројност паметните телефони коишто денес се најпопуларната и најкористената дигитална алатка на пазарот. На овој начин, еСИМ ќе ги отвори вратите за автоматизација на безброј процеси од секојневното живеење.
На корисниците еСИМ ќе им понуди можност за користење повеќе СИМ картички преку еден уред истовремено, со што корисникот ќе може да користи припејд и постпејд истовремено или да има домашен и службен број во истиот телефон. Исто така, активирањето нов мобилен комуникациски производ ќе може да се направи целосно дигитално без посета на продавница, а ќе се отвори и можност за користење дополнителни уреди како смарт часовници, велосипеди, уреди за навигација, велосипеди итн., целосно независно од смартфонот.
Сите овие поволности за корисниците се дополнети со еколошкиот аспект на еСИМ затоа што замената на пластичните картички и пакувања ќе придонесе за зачувување на животната средина, што е еден од најгорливите проблеми на денешницата.
За да се користи еСИМ потребен е уред којшто ја поддржува истата; во иднина бројот на вакви уреди сè повеќе ќе расте, со што постепено традиционалните СИМ картички ќе заминат во историјата. Кај нас, Македонски Телеком е првиот оператор којшто ја овозможува оваа нова технологија.
Со еСИМ, никогаш повеќе нема да има потреба од отворање на телефонот, од грижа дали вашиот нов телефон функционира со мини, микро или нано картичка. еСИМ е еден и единствен за сите уреди.
Иако оваа транзицијата нема да се случи преку ноќ, еСИМ е големо откритие коешто ја продолжува дигиталната револуција и претставува уште еден чекор напред во намалувањето на производството и употребата на пластика, еколошко решение коешто ќе придонесе за поздрава животна средина.