Климатските промени се најголемата опасност за Русија, смета водечкиот научник и соработник во Главната геофизичка опсерваторија „Војејков“, Андреј Кисељов.
Научникот во интервју изјавил дека овој процес е 2,5 пати побрз во Русија отколку во другите држави. Во арктичката зона тој е уште поинтензивен.
Кисељов објаснил дека забрзаното загревање е условено со тоа што во северната геогравска ширина на северната хемисфера во која се простира и Русија, површината на копното е помала од површината на морето.
„Океанот е огромен акумулатор на топлина: кога е жешко, таа топлина која се наоѓа во атмосферата оди во океанот, а кога атмосферата ќе излади, дел од топлината се враќа во атмосферата“, објаснил научникот.
Климатологот изјавил дека копното побрзо реагира на загревање и ладење отколку океанот, а тоа значи дека не може толку ефикасно да се изврши размена на топлина во атмосферата.
„Затоа во нашата зона загревањето се случува побрзо – има многу земја. Во таква ситуација се наоѓаме не само ние, туку и целиот појас“, заклучил тој.
Кисељов нагласил дека загревањето има и позитивни и негативни последици за Русија. Од една страна може поактивно да се користи Северниот морски пат и одгледување на нови земјоделски култури.
„Постои и лоша страна: со тие култури ќе дојдат и различни штетници. Меѓутоа, најголема и најсериозна закана за нас е деградацијата на вечниот мраз“, предупредил климатологот.
Тој објаснил дека две третини од територијата на Русија се наоѓаат во оваа зона и поради нејзината деградација може да се случат различни хаварии и катастрофи.
Пред сè, можат да настрадаат објекти, а втората закана е емисијата на гасови со ефект на стаклена градина кои што се наоѓаат во него.
„Тие ќе се ослободат и ќе може да влезат во атмосферата поради што ефектот на стаклена градина уште повеќе ќе се зголеми“, објаснил Кисељов.