Климатските промени се најголемата опасност за Русија, смета водечкиот научник и соработник во Главната геофизичка опсерваторија „Војејков“, Андреј Кисељов.

Научникот во интервју изјавил дека овој процес е 2,5 пати побрз во Русија отколку во другите држави. Во арктичката зона тој е уште поинтензивен.

Кисељов објаснил дека забрзаното загревање е условено со тоа што во северната геогравска ширина на северната хемисфера во која се простира и Русија,  површината на копното е помала од површината на морето.

„Океанот е огромен акумулатор на топлина: кога е жешко, таа топлина која се наоѓа во атмосферата оди во океанот, а кога атмосферата ќе излади, дел од топлината се враќа во атмосферата“, објаснил научникот.

Климатологот изјавил дека копното побрзо реагира на загревање и ладење отколку океанот, а тоа значи дека не може толку ефикасно да се изврши размена на топлина во атмосферата.

„Затоа во нашата зона загревањето се случува побрзо – има многу земја. Во таква ситуација се наоѓаме не само ние, туку и целиот појас“, заклучил тој.

Кисељов нагласил дека загревањето има и позитивни и негативни последици за Русија. Од една страна може поактивно да се користи Северниот морски пат и одгледување на нови земјоделски култури.

„Постои и лоша страна: со тие култури ќе дојдат и различни штетници. Меѓутоа, најголема и најсериозна закана за нас е деградацијата на вечниот мраз“, предупредил климатологот.

Тој објаснил дека две третини од територијата на Русија се наоѓаат во оваа зона и поради нејзината деградација може да се случат различни хаварии и катастрофи.

Пред сè, можат да настрадаат објекти, а втората закана е емисијата на гасови со ефект на стаклена градина кои што се наоѓаат во него.

„Тие ќе се ослободат и ќе може да влезат во атмосферата поради што ефектот на стаклена градина уште повеќе ќе се зголеми“, објаснил Кисељов.