Американски и египетски археолози ја откриле можеби најстарата позната пиварница во Абидос, едно од најважните локалитети од периодот на антички Египет.
Абидос е древна некропола во пустината западно од Нил, 450 километри јужно од Каиро.
Според зборовите на официјалниот претставник на Министерството за антиквитети Мустафа Вазири, пиварницата датира уште од времето на владеењето на фараонот Нармер, обединувачот на антички Египет и основач на т.н. Прв династички период (3150-2613 п.н.е.).
Археолозите пронашле осум големи производствени единици, долги 20 метри и широки 2,5 метри. Според Вазири, тоа вклучува околу 40 глинени базени што се користеле за загревање мешавините од житни култури и вода за да се добие пиво.
Еден од водечките археолози на проектот, Метју Адамс, рекол дека пиварницата најверојатно е изградена во таа област за да обезбеди пиво за кралски ритуали, бидејќи археолозите досега пронашле докази за употреба на пиво во жртвените обреди на античките Египќани.
Британските археолози први го претпоставиле постоењето на пиварницата на почетокот на 20. век, но не успеале да ја утврдат нејзината локација, објави египетското Министерство за антиквитети.
Со огромните гробишта и храмови од најраниот период на антички Египет, Абидос бил познат по своите споменици во чест на Озирис, богот на подземниот свет кој им судел на душите на мртвите.
Некрополата во Абидос никогаш не била напуштена, од најраните денови во египетската историја до римското освојување.
Египет објави десетици откритија во последните неколку години во обид да го оживее туризмот, кој претрпе голем удар поради политичката нестабилност од падот на Хосни Мубарак во 2011 година.
Извор: Danas.rs