Apple на сите iPhone 13 модели ќе имплементира нови ултрашироки, посветли f/1.8 објективи, според најновите информации на аналитичката компанија Barclays. Оваа информација се разликува од претходниот извештај на аналитичарот Минг-Чи Куо, кој посочи дека само моделите iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max ќе добијат нова ултраширока камера.
Новата f/1.8 леќа ќе ја зголеми количината на светлина што стигнува до сензорот, во споредба со f/2.4 леќите што ги користи актуелната ултраширока камера кај iPhone 12 серијата.
Apple веројатно ќе ја зголеми и големината на сензорите во новите ултрашироки камери, бидејќи актуелните 1/3,6“ не можат да се споредат со 1/2.55” сензорот кај Galaxy S21 Ultra или 1/1.54” на Huawei Mate 40 Pro.
Аналитичарите на Barclays истакнуваат и дека Apple ќе продолжи да ja користи 12MP f/2.2 65mm 2.5x камерата, која покрај на Pro Max, ќе биде достапна и на iPhone 13 Pro моделот.