Користењето алатки за следење на отворањето на електронската пошта веќе не е ограничено само на огласувачите и „спамерите“ – туку сè повеќе ги користат и обичните луѓе.
Секој ден во светот се праќаат и се примаат по околу 269 милијарди е-пораки. Или речиси по 35 по глава на жител секојдневно. Повеќе од 40 проценти од таа електронска пошта се следат – покажа истражувањето на компанијата ОМЦ спроведено во јуни годинава.
Технологијата што го овозможува ова е прилично едноставна. Алатките за следење уфрлаат линија на компјутерски код во „телото“ на пораката. Обично тоа е сликичка со големина еден на еден пиксел, за човечкото око практично невидлива, но понекогаш можат да бидат и линкови или посебни фонтови.
Кога примателот ќе ја отвори поштата, алатката регистрира дали пикселот или некој друг елемент бил преземен и праќа информација за тоа.
Такви алатки со години користат издавачите на „њузлетери“, огласувачи, трговци и други за да соберат податоци за тоа колку често нивните корисници и купувачи ја отвораат електронската пошта што им ја праќаат. Ним им се приклучија и гигантите – социјалните мрежи како „Фејсбук“ и „Твитер“, на кои никогаш не им е доста од податоци со кои подобро можат да ги насочуваат огласите и да го предвидуваат нашето однесување.
Но, од неодамна сè повеќе ги користат и најобичните луѓе, што резултира со фрапантен податок – дека секоја петта од „најобичните“ е-пораки се следи.
Gmail беше пресвртница
За разлика од следењето преку веб-мрежите, следењето на електронската пошта досега беше сразмерно слабо истражувано. Сè до средината на првата деценија на 21 век беше речиси непознато за пошироката јавност. Првпат оваа појава се најде „под рефлекторите“ во 2006 година, кога во текот на судењето се откри како во корпорацијата HP бил користен сервисот ReadNotify за да установат како од компанијата им протекуваат информации во медиумите.
Пресвртницата стигна со сервисот Gmail на „Гугл“ кој почна со уфрлување спонзорирани линкови во нашите дигитални поштенски сандачиња. На почетокот овој потег беше дочекан „на нож“, но со текот на времето луѓето се навикнаа на тоа.
Тоа беше сигнал и за другите да почнат да го практикуваат истото – да стигнат до купишта корисни податоци без поголем отпор. Се разбира, не требаше долго време за истата технологија да почнат да ја применуваат и „спамерите“.
Сепак, најголемиот дел од следењето на електронската пошта денес можеме да им го препишеме на големите технолошки компании како „Амазон“ и „Фејсбук“. Последниов е на прво место по следење, веднаш по сервисот за „њузлетери“ – MailChimp.
Кога на „Фејсбук“ ќе ви стигне електронска пошта со известување за нова активност на вашиот кориснички профил, во заднината се отвора апликација која испраќа податоци за вашата локација, уредот што го користите, последната фотографија што сте ја направиле… дури и ако воопшто не сте одобриле пристап и користење на тие податоци.
Големи безбедносни ризици
Алатката што им е корисна на издавачите и на експертите за маркетинг исто така може да се злоупотреби и да се користи за следење, вознемирување, па дури и за провала во вашиот дом. Крадците би можеле да ви пратат е-порака само за да установат дали сте дома или сте отсутни.
Не само што можат да откријат каде се наоѓате во моментот, туку со малку поголема ангажираност и упорност можат да реконструираат каде се наоѓате во определено време од денот, правецот по кој вообичаено се враќате дома, како и вашите лични преференции само со едноставно следење на отворањето на вашата електронска пошта.
Истражувањето што беше спроведено во септември годинава покажа дека 85 проценти од е-поштите од 14.000 најпознати веб-страници на светот содржат некаква алатка за следење. Третина од истите им ги испраќале адресите на корисниците на компаниите и корпорациите без дозвола.
Со оглед на тоа колкав ризик претставуваат ваквите активности, необично е што алатките за следење на електронската пошта не се под посилен надзор, а сервисите што се занимаваат со тоа се построго контролирани.
Што ако не сакате да бидете следени?
Постојат низа сервиси со кои можете да го оневозможите следењето, како што се Ugly Mail,PixelBlock и Senders. Ugly Mail ќе ве извести кога во вашата пошта ќе детектира пиксел за следење, додека PixelBlock ќе го блокира.
Но, ни тие алатки не се комплетно сигурни затоа што се соочуваат со истиот проблем како и експертите за компјутерска безбедност во борбата против вирусите: следењето на електронската пошта постојано се развива и се подобрува.
Единствено колку-толку сигурен начин засега е блокирањето на фотографии, така што воопшто не ќе можете да ги примите преку електронската пошта. Но, прашање е уште колку долго тоа ќе биде така. Во ОМЦ детектирале околу 70 различни начини за следење. Пиксели, линкови, бои….
Извор: Tportal.hr