Amazon обезбеди дозвола за постаување на сателити во орбитата, но засега не лансираше ниту еден сателит. Од друга страна, SpaceX лансираше над 900 сателити.
Компаниите SpaceX и Amazon, кои ги водат двајцата најбогати луѓе на планетата, Елон Маск и Џеф Безос, си префрлуваат околу ривалските проекти за сателитски интернет, меѓусебно обвинувајќи се за „гушење на конкуренцијата“, пренесуваат медиумите.
Елон Маск, основач и сопственик на SpaceX, чиешто богатство се проценува на 209 милијарди долари, минатата година го симна од врвот на најбогатите луѓе Џеф Безос, извршниот директор и сопственик на Amazon, чијашто „нето вредност“ се проценува на 192 милијарди долари.
За Маск и Безос е познато дека не се баш во најдобри односи. А најновата отровна стрела меѓу нив ја испрати Безос со соопштенеито дека SpaceX, компанијата на Маск, при развојот на проектот Starlink извршила промени кои можело да резултираат со „создавање поопасна околина за судири во вселената“, како и дека воведените промени би можеле да ги зголемат радиските пречки.
Сателитите во ниската орбита на Земјата (LEO) за широкопојасен пристап до интернет покажуваат знаци за голем потенцијал. Овие потфати во ниската земска орбита може потенцијално драматично да го прошират пазарот на широкопојасниот интернет и да им заштедат на потрошувачите десетици милијарди долари, оценуваат стручњаците.
„Очигледно е во интерес на Space-X задушувањето на конкуренцијата уште во самиот зачеток, но тоа сигурно не е од полза за јавноста“, порача Безос.
Маск не се двоумеше да возврати и да го „боцне“ Безос на сметка на бавноста на неговата компанија во одговорот на технолошкиот предизвик на ривалот.
„Не е во интерес на јавноста Starlink да биде закочуван поради сателитскиот систем на Amazon, кој што, во најдобар случај, со години е оддалечен од реализацијата“, објави Маск на Twitter.
Проектот Starlink претставува своевидно големо соѕвездие од сателити, а SpaceX веќе лансираше повеќе од 900 такви вселенски уреди. Компанијата на Маск има дозвола од американските сојузни власти за лансирање на илјадници сателити, но сега од Сојузната комисија за комуникации (FCC) настојува да издејствува дозвола неколку илјади сателити да ги постави во ниската орбита на Земјата.
Компанијата Amazon веќе обезбеди дозвола од FCC за поставување сателити во орбитата на околу 590 километри од површината на Земјата. Меѓутоа, компанијата на Безос досега не лансираше ниту еден сателит.
Доколку FCC ги одобри измените во постојната дозвола, SpaceX во орбитата би можел да постави речиси 3.000 сателити. Тие би орбитрирале на височина од 540 до 570 километри од површината на Земјата, и како што се жалат од Amazon, би предизвикале попречување на сигналот за нивните сателити од нивниот проект Kuiper. Покрај тоа, како што истакнуваат од Amazon“во дописот до FCC, постои опасност од судари на сателитите од флотата на Starlink со сателитите од Kuiper.
Извор: Zimo.hr