Веќе почнуваат да се појавуваат информациите за следната iPhone линија. Наводно ќе го носи името iPhone 13, а првичните извештаи сугерираат дека двата Pro модели ќе користат OLED панели на Samsung со стапка на освежување 120Hz. Сега се појавија и некои детали за дизајнот на смартфоните.

Според информациите на јапонскиот блог MacOtakara, iPhone 13 линијата ќе го задржи куќиштето на iPhone 12 моделите со рамни рабови, но ќе бидат за околу 0,26 подебели и ќе имаат помал засек (notch) за предната камера и Face ID во дисплејот, благодарение на промената во положбата на горниот приемник.

Покрај тоа, испакнувањето за камерите на задната страна ќе ја задржи истата дебелина, со мала промена во изгледот. Наводно, Apple ќе додаде сафирно стакло преку леќите, за да создаде изглед на единствен систем, за разлика од сегашниот дизајн.

Можно е дека iPhone 13 ќе го има истиот систем на камери како актуелната линија, што е на исто ниво со претходно протечените информации.