Контаминација со микропластика е откриена во т.н. „Зона на смртта“ на Монт Еверест, на надморска височина од околу 8.440 метри, објавија истражувачите во научното списание One Earth.
Во истражувањето спроведено во 2019 година од страна на британскиот универзитет Плимут, било откриено дека има 12 микропластични влакна на литар снег од областа Еверест. Најголемите количини (79 микропластични влакна на литар снег) беа пронајдени во базниот камп, каде се сместуваат експедициите во периоди до 40 дена.
Пронајдени се полиестерски, акрилни, најлонски и полипропиленски влакна, а истражувачите сугерираат дека оваа микропластика потекнува од облеката со високи перформанси што обично ја користат алпинистите, како и од шатори и јажиња за качување што се користат во обидите за искачување на планината.
Водечкиот автор на студијата, д-р Имоген Напер, посочува дека најдената микропластика на Еверест е потсетник дека треба да се стори повеќе за да се заштити животната средина.
„Во текот на изминатите неколку години, пронајдовме микропластика во примероците собрани низ целата планета – од Арктикот до нашите реки и морските длабочини. Имајќи го тоа на ум, наоѓањето микропластика во близина на Монт Еверест е потсетник дека треба да сториме повеќе за да ја заштитиме животната средина“, рече Напер. .
Монт Еверест некогаш беше дел од недопрената природа, но планинарскиот туризам значително се зголеми во последните неколку години од првото познато искачување во 1953 година. Бројни авантуристи од странство оставаат зад себе скршени шатори, остатоци од јажиња, пакувања со храна, празни шишиња, конзерви за пиво, шишиња со кислород и човечки отпад.