На Светското првенство во фудбал кое ќе се одржи во 2018 година во Русија, ќе се користи нова паметна топка.
Имено, Adidas Soccer на 9-ти ноември ја претстави “Telstar 18” која е дизајнирана според оригиналниот модел, кој бил користен на првенството одржано во 1970 година во Мексико. Тогаш за прв пат се појавиле црни точки на топката со цел да биде видлива на црно-белите телевизори.
Кога е во прашање новиот модел, се работи за “најпаметната” топка досега, со вграден NFC чип. Чипот овозможува интеракција со топката преку паметните телефони, при што корисниците добиваат пристап до екслузивната содржина и персонализираните информации.
Ронал Ромлер од компанијата Adidas вели дека ова е прв пат некоја топка да содржи NFC чип кој дозволува интеракција со топката и додал дека оваа технологија ќе го одбележи следното Светско првенство.
Топката била претставена од страна на најголемите фудбалски ѕвезди, а ја тестирале тимови како Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Коломбија и многу други.