Европската комисија (ЕК) соопшти дека влегува во преговори со фармацевтската компанија Модерна за откуп на потенцијална вакцина против Ковид-19.
Moderna е петта компанија со која преговара Европската комисија за поволни услови за пристап до вакцина против вирусот откако ќе биде пронајдена. Четирите други се Sanofi-GSC, Johnson & Johnson, CureVac и AstraZeneca.
Комисијата информира дека хипотетичкиот договор со фирмата Moderna би им овозможил на земјите членки на ЕУ да ја купат вакцината како и да ја донираат на економски ранливи земји. Проценката од европска страна засега е дека би се откупиле начелно 80 милиони дози за ЕУ, со можност за дополнителни 80 откако ќе биде утврдено дека вакцината е ефикасна и безбедна.
– По интензивни преговори, Европската комисија сега ги заврши разговорите со петта фармацевтска компанија за да овозможи брз пристап до вакцина за Европејците. Инвестираме во компании кои користат разновидни технологии за да ги зголемиме нашите шанси за безбедни и ефикасни вакцини. Продолжуваме да преговараме со други компании, затоа што сакаме да бидеме сигурни дека вакцините ќе бидат брзо достапни на пазарот, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија.
Moderna е компанија базирана во САД. Доколку овие преговори вродат со плод, резултатот ќе се финансира со помош на европскиот итен инструмент за помош, фонд со посебно портфолио посветено на потенцијални вакцини со „разновиден профил“.
Европската комисија има за цел да им обезбеди пристап до вакцина на граѓаните до крајот на идната година по достапна цена за сите како во ЕУ така и во светот.