Група научници од Универзитетот во Флорида успеале да изолираат жив примерок од коронавирус од аеросоли што ги собрале од пациенти хоспитализирани за Ковид-19 на растојание од два до помалку од пет метри.
„Ова го бараа луѓето. Ова е недвосмислен доказ дека вирусот се наоѓа во аеросолите“, рече Линзи Мар, специјалист за вируси што се шират во воздухот, која, инаку, не учествувала во истражувањето.
Откритието на научникот од Флорида беше објавено на интернет минатата недела, но сè уште чека рецензија. Сепак, ова не ја спречи дебатата за резултатите од истражувањето во научната заедница.
„Ако ова не е цврст и непобитен доказ, тогаш не знам што е“, напиша Мар на „Твитер“ минатата недела, додека некои експерти велат дека сè уште не е јасно дали количината на вирус што е пронајден во аеросоли е доволен за да зарази некого, пишува „Њујорк тајмс”.
Истражувањето било многу тешко да се спроведе, со оглед дека дијаметарот на аеросолите изнесува пет микрометри, а испарувањето дополнително го намалува. Обидите да се грабнат минијатурни капки обично го оштетуваат вирусот.
„Многу е тешко да се земе примерок од биолошка материја од воздухот, а притоа да може да се употреби“, рече инженерот Шели Милер, кој го проучува квалитетот на воздухот и болестите што ги пренесува, додавајќи: „Мораме да собираме примероци на паметен начин за да бидат слични на оние кои луѓето ги дишат.“
Претходните обиди да се испита ширењето на вирусот преку аеросоли не беа успешни токму поради техниките за земање мостри.
Истражувачите од Универзитетот во Флорида ги сочувале примероците со тоа што прво ги зголемиле со пареа и потоа ги префрлиле во течност полна со соли, шеќер и протеини, со што се сочувал патогенот.
Примероците за оваа студија биле собрани во собата за лекување на „Ковид-19“ во болницата „Хелт Шандс“ на Универзитетот во Флорида. Ниту еден пациент во собата не бил подложен на медицински зафати за кои се знае дека производуваат аеросоли.
Истражувачите ги собрале примероците на место што е оддалечено два метри од пациентите и на место кое е оддалечено од нив речиси пет метри, што е многу повеќе од препорачаната оддалеченост што треба да се држи за да се намали можноста од инфекција со коронавирус.
Тие биле успешни на двете растојанија, а генетската анализа на вирусот покажала дека е идентична со онаа што се наоѓа кај пациентот, кој неодамна бил примен на лекување.
Воздухот во болничката соба бил менуван шест пати на час, а просторијата била опремена со ефикасни филтри и други мерки за безбедност, кои требало да го деактивираат вирусот пред да се пушти воздух во собата.
Водечкиот виролог на истражувачкиот тим, Џон Ледницки, рече дека тоа е причината зошто успеале да најдат само 74 честички на вируси во еден литар воздух.
Затворените простори со послаба вентилација, како што се училиштата, наводно, содржат повеќе честички на вирусот.
Други научници, од друга страна, велат дека е тешко од овие откритија да се заклучи во каква опасност од зараза се наоѓа поединецот.