Истражувачите тврдат дека мистеријата стара 66 милиони години конечно е решена објавувајќи дека диносаурусите од Земјата исчезнале поради огромен астероид.
Тие не негираат дека покрај доказите сè уште ќе има полемики на оваа тема.
Причината која што довела до изумирање на 75 отсто од животните и растенијата од тој период, вклучувајќи ги и диносаурусите бил предмет на расправа.
Некои од научниците велат дека нивното исчезнување индиректно е поврзано со астероид широк 10 километри кој што удрил во Земјата и предизвикал долг и мрачен период, додека пак другите научници тврдат дека причината за тоа била вулканска активност од индискиот регион откако настанале големите климатски промени.
Трети сметаат дека исчезнувањето на диносаурусите е резултат и на вулканска активност, но и на друг мрачен период кој што настанал по ударот на астероидот.
Истражувачите сега велат дека ја решиле мистеријата, моделирајќи ги еколошките ефекти кои што носат различни потенцијални верзии на настаните, пренесува „The Guardian“.
„Кога произведовме различни сценарија кои што вклучуваат и астероиди и вулканска активност, увидовме дека ударот на астероид е единствениот настан кој што може целосно да го уништи местото кое што е погодно за живеење на диносауруси“ – изјавил Алфио Алесандро Чиарез, истражувач од Универзитетот во Лондон.
Тие исто така наведуваат дека ударот на астероид довел до изумирање на диносаурусите директно, бидејќи токму астероидот би можел да влијае на разни фактори, меѓу кои температурата и дождовите.
Тоа на кое што астероидот најмногу влијаел, научниците велат дека е намалување на сончевата светлина која што целосно е во состојба да ги уништи живеалиштата на диносаурусите.
Научниците исто така не ја исклучуваат можноста дека постоеле и многу ерупции на вулкани, но сметаат дека до изумирањето на диносаурусите не дошло поради вулканска ерупција.