Германските и норвешките лекари ги потврдија претпоставките на своите кинески колеги дека крвната група игра одлучувачка улога во развојот на заболување од коронавирус.
Кинеските научници уште на почетокот на март открија дека лицата со крвна група А имаат потешки симптоми на заболување од оние со крвна група О (нулта).
Научници од универзитетите во Осло и Кил, врз основа на извршени 1.610 крвни анализи кај лица со потежок развој на болеста, кои се наоѓаат на респиратори, докажале дека веројатноста за тоа е поголема кај лицата со крвна група А. Инаку, примероците кои биле анализирани се од посебно погодените региони на Италија и Шпанија.
Предстудијата, под водство на норвешкиот научник Том Карлсен и Германецот Андре Франке, дошла до заклучок дека кај пациентите со крвна група А е двојно поголема веројатноста да им биде потребен респиратор отколку кај лицата со крвна група О.
Утврдено е дека лицата со крвна група О имаат заштитен ефект, врз основа на кој имаат и помал ризик од зараза. Во Германија, 37 отсто од населението се со крвна група А+, 35 отсто со крвна група О+, а по 6 отсто со крвна група А- и О-.
Крвната група во основа може да биде фактор ризик за заболување”, истакнува професорот по интерна медицина од универзитетот Грајсфсвалд, Маркус Лерх.
Професорот истакнал дека треба да се земе предвид крвната група при утврдување на одредени хронични болести.
Професорката по интерна медицина на виенскиот универзитет, Ренате Хајнц, која веќе подолг период се занимава со поврзување на крвните групи со хроничните болести, наведува дека во кардиологијата е познато дека лицата со крвна група А, Б и АБ имаат поголема веројатност да заболат од коронарни болести.
“Шест отсто од срцевите заболувања можат да се поврзат со “неповолна” крвна група”, наведува Здружението на германски кардиолози.