Предизвиците во производството и напорите на владите да обезбедат снабдување на своите граѓани ќе го отежнат испорачувањето вакцини против „Ковид 19“ откако ќе се развијат, предупредуваат лидерите на фармацевтската индустрија.
Производителите на лекови веќе тестираат десетина можни кандидати за вакцина против новиот коронавирус, објави Светската здравствена организација (СЗО).
„АстраЗенек“ се надева дека ќе ја пушти вакцината во продажба до крајот на годината, изјави извршниот директор Паскал Сориот на онлајн конференцијата за медиуми во Женева, во организација на Меѓународната федерација на фармацевтски производители и асоцијации (ИФПМА).
„Вакцината би можела да биде готова до октомври ако ни бидат наклонети ѕвездите“, рече Алберт Бурла, извршен директор на американската компанија „Пфизер“.
За спречување на „Ковид-19“ потребни се до 15 милијарди дози, трипати повеќе од сегашното глобално производство на вакцини годишно, со исклучок на вакцините против грип, наведува ИФПМА.
Фармацевтската индустрија може да произведе многу големи количини вакцина, но се соочува со проблем кога станува збор за пакувањето.
„Нема доволно шишенца во светот“, објасни Сориот од „АстраЗенек“.
Фармацевтските лидери јасно ставија до знаење дека не планираат да делат патенти или производствен капацитет, но се подготвени да работат заедно на полнење шишенца за да се задоволи побарувачката.
Бурла од „Пфизер“ исто така предупреди дека планот на индустријата да доставува вакцини подеднакво на сиромашните и богатите земји може да наиде на политички пречки.
Владите ќе искористат најголем дел од влијанието што го имаат на располагање за да го обезбедат снабдувањето на своите граѓани. „Се плашам дека ќе се најдеме помеѓу два огна“, истакна шефот на американската компанија.