Епидемиолозите од Јужна Кореја откриле дека е поголема веројатноста една личност да се зарази со новиот коронавирус во сопствениот дом отколку во контакт со лица надвор од него.

Студијата која на 16 јули ја објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) детално прегледала 5.706 првозаразени пациенти кои се позитивни на коронавирус и повеќе од 59.000 луѓе кои имале контакт со нив.

Наодите покажале дека само две од 100 заразени лица се заразиле со вирусот надвор од домот, додека секој 10-ти заболел од Ковид-19 во својот дом, односно од член на семејството.

Според старосната група, стапката на ширење на заразата била поголема кога први заразени во семејството биле тинејџери или луѓе во 60-те и 70-те години од животот.

Тоа е веројатно поради тоа што е поголема можноста лицата кои припаѓаат на тие старосни групи да се во поблизок контакт со членовите на семејството бидејќи станува збор за лица на кои им треба поголема заштита или поддршка”, вели Џонг Јун-кјонг, директор на корејскиот центар за контрола и превенција.

„Најмала е веројатноста дека првозаразената личност е дете помладо од 9 години”, вели д-р Чо Јанг-Џун, професор на медицинскиот факултет при универзитетот Халим.

Сепак, важно е да се напомене дека во таа старосна група имало само 29 испитаници, додека во старосната група од 20 до 29 години имало 1.695 испитаници.

Студијата открила дека децата кои се позитивни на Ковид-19 спаѓаат во асимптоматични случаи, што го отежнува откривањето на болеста односно првата личност која е заразена во домаќинството.

„Разликата во старосната група нема огромно значење кога станува збор за инфицирање со Ковид-19. Децата би можеле веројатно да го пренесат вирусот, но нашите податоци не се доволни за да ја потврдат оваа хипотеза”, додал д-р Чо Јанг-Џун.

Податоците за истражување биле собрани помеѓу 20 јануари и 27 март, кога коронавирусот експоненцијално се ширеше и кога дневните случаи на инфекции во Јужна Кореја го достигнуваа својот врв.

Извор: Telegraf.rs