Извршниот директор на „Blue Origin“ најави дека ако сѐ оди според плановите, ракетите што ќе ги произведува компанијата би требало да имаат туристички прошетки во вселената во 2019 година.
„Blue Origin“ е компанија која пробува да најде начини за исплатливо патување во вселената, а е основана од Џеф Безос, сопственикот на „Amazon“ и третиот најбогат човек во светот.
Вчера извршниот директор на компанијата најави дека ракетите кои тие ги произведуваат ќе почнат со туристички летови во вселената од 2019 година, нудејќи им можност да ја видат вселената на сите кои ќе можат тоа да си го дозволат.
„Малку ги изменивме плановите бидејќи првичниот план беше да почнеме со носење на туристи во вселената уште во 2018 година. Но, ќе почнеме со такви летови кога ќе бидеме потполно спремни и ниту момент порано. Затоа сметам дека 2019 година е реалистична временска рамка во која ќе можеме да ги достигнеме ветувањата“, изјави Боб Смит, извршниот директор на „Blue Origin“.
Доколку плановите одат како што треба, „Blue Origin“ би требало да стане втората компанија која ќе испрати туристи во вселената, бидејќи „SpaceX“ има закажано вакви летови за 2018 година.