Во среда, во 8:18 часот наутро по локално време, Кина ќе го лансира вселенското летало Shenzhou-24. Во екипажот се наоѓа и еден пакистански државјанин, кој ќе стане првиот странски астронаут на кинеска вселенска станица.

Тричлениот екипаж го сочинуваат командантот Танг Хонгбо, инженер на летот Ву Ји и пакистанскиот специјалист за товар, Зишан Али. Неговото учество е дел од билатералната соработка во рамките на иницијативата на Пекинг „Појас и пат“.

Екипажот е во добра состојба, а подготовките за лансирањето се завршени, соопшти во вторникот Кинеската агенција за вселенски летови со екипаж (CMSA).

Од 2021 година, кинеските мисии Shenzhou превезуваат тричлени екипажи од кинески астронаути до вселенската станица Tiangong, каде што тие обично престојуваат шест месеци. За Али е предвиден пократок престој, по што тој ќе се врати на Земјата заедно со двајца членови на екипажот од мисијата Shenzhou-23.

Жу Јангжу, член на екипажот на мисијата Shenzhou-23, ќе остане во вселената како дел од едногодишна мисија, наведуваат надлежните.

Засилена трка за Месечината

ансирањето се одвива во услови на засилена трка за Месечината со Соединетите Држави. САД тврдат дека Пекинг планира да ја колонизира Месечината и да ги искористи нејзините ресурси и територија – тврдење што Пекинг категорично го отфрла. Ротација на екипажот и научни експерименти

Мисијата Shenzhou-24, која ќе биде лансирана со ракетата Long March-2F од Центарот за лансирање сателити Џиучуан, претставува 41-ви лет во рамките на кинеската програма за вселенски летови со екипаж. Според надлежните органи, во текот на мисијата ќе се изврши ротација на екипажот со членовите на мисијата Shenzhou-23.

Додека се во орбитата, членовите на екипажот ќе спроведуваат научни експерименти, покрај истражувањата што се веќе планирани за самата станица.