Компанијата ги спојува функциите за разговор (chat) и „Cowork“ во единствен интерфејс.
Anthropic ја лансираше „Claude Docs“, нова функција која му овозможува на овој AI-асистент (четбот) да креира документи за вас.
Како дел од напорите на компанијата да го поедностави пристапот до бројните можности на Claude, можете да побарате од него да генерира документ директно во текот на разговорот. Можете да побарате документ – на пример, преглед на една страница со релевантни информации – а Claude ќе го прикаже резултатот директно во прозорецот за разговор.
Документот е приватен по дифолт, но можете да изберете да го споделите со колеги доколку соработувате со нив. Иако можете да го уредувате документот директно во Claude, исто така можете да го извезете и отворите во Google Docs или Microsoft Word, доколку повеќе ви одговара.
Компанијата додава и можност за креирање слајдови и презентации во рамките на разговорот. Веќе не мора да одите во „Claude Design“ за да ги креирате. Ако побарате од Claude да креира презентација за време на разговор, тој ќе ги прикаже слајдовите директно во интерфејсот за разговор. Можете да ги уредувате на самото место или да ги преземете во PowerPoint или PDF формат.
Конечно, Anthropic ги спојува „Cowork“ и „Artifacts“ во единствен интерфејс. „Cowork“ е режим во рамките на апликацијата Claude кој користи агентска вештачка интелигенција за извршување задачи со повеќе чекори. На пример, може да ги чита вашите деловни документи, а потоа да генерира документи, слајдови и табели за вас. Од друга страна, „Artifacts“ се елементи на содржина – како што се документи, HTML веб-страници и дијаграми – кои ги зачувувате во страничната лента за лесен пристап подоцна.
Од Anthropic објаснија дека првично го креирале „Design“ како простор за визуелна работа, а „Cowork“ како наменска област за пообемни задачи. Сепак, корисниците често биле збунети околу тоа каде да ги извршуваат одредени задачи, особено затоа што работата започната во едно опкружување не се пренесувала во другото.
Овие ажурирања, чија цел е создавање на единствена понуда наречена „One Claude“, спојуваат неколку можности во еден интерфејс.
„Claude сега може самостојно да процени што бара одредена задача, правејќи ги можностите на Cowork и Design достапни од кој било разговор – искористувајќи го контекстот, вештините и конекторите што веќе ги имате“, објаснуваат од компанијата.
Овие промени ќе се воведуваат во текот на наредните недели за претплатниците на пакетите Pro и Max, на веб, десктоп и мобилните платформи. Корисниците на пакетите Team и на бесплатните пакети ќе ги добијат „наскоро“.
