Порота во Калифорнија едногласно ја отфрли тужбата на Илон Маск против креаторите на ChatGPT.
Порота во американската држава Калифорнија ја отфрли тужбата на американскиот милијардер Илон Маск против компанијата OpenAI, утврдувајќи дека таа не е одговорна за наводното отстапување од првичната мисија за развој на вештачка интелигенција во корист на човештвото, со едногласен заклучок дека Маск ја поднел тужбата предоцна, со што заврши судењето кое започнало на 28 април и траело 11 дена.
Случајот, според Ројтерс, привлече големо внимание од јавноста бидејќи се смета за клучен за иднината на развојот и регулирањето на вештачката интелигенција, вклучително и прашањето кој има корист од неа и како се применува.
За време на судењето, и Маск и извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, беа критикувани во врска со нивниот кредибилитет, додека двете страни се обвинуваа меѓусебно дека го водат процесот за финансиски интереси, а не во јавен интерес.
Маск во тужбата тврдеше дека OpenAI неправедно се стреми да ги збогати инвеститорите и внатрешните засегнати страни на сметка на својата непрофитна мисија, како и да ги игнорира безбедносните аспекти на развојот на вештачката интелигенција.
Од друга страна, OpenAI го обвини Маск дека е мотивиран од профит и дека предоцна презема правни мерки за наводни прекршувања на договорот за основање.
Маск и Алтман беа меѓу основачите на Open AI во 2015 година, но не се согласуваа околу насоката на компанијата.
Спорот се фокусира на тврдењата на Маск дека Open AI и нејзините лидери, вклучувајќи го и Грег Брокман, го прекршиле првичниот договор за одржување на организацијата како непрофитна, објави CNBC.
