Иако Microsoft и Google одамна се откажаа од постарите верзии на оперативните системи Windows, Mozilla одлучи да им подаде рака на оние кои сè уште не се откажуваат од „седум“ и „осум“.
Mozilla официјално потврди дека ќе ја продолжи поддршката за Firefox 115 Extended Support Release (ESR), што практично значи дека корисниците на системите Windows 7, Windows 8 и Windows 8.1 ќе продолжат да добиваат клучни безбедносни ажурирања најмалку до август 2026 година.
Оваа одлука доаѓа во време кога речиси сите модерни прелистувачи, вклучувајќи ги Chrome и Edge, ја прекинаа поддршката за овие системи во текот на изминатата година. Иако Firefox на овие платформи нема да добие нови функции (како оние што доаѓаат во стандардните верзии за Windows 10 и 11), тој ќе добива редовни „закрпи“ што ги штитат корисниците од најновите интернет закани.
Според податоците на пазарот, и покрај тоа што овие оперативни системи се официјално „мртви“, значителен број корисници сè уште ги користат на постари компјутери кои не ги исполнуваат хардверските барања за поновите системи.
Mozilla вели дека нејзината цел е да спречи милиони корисници да останат целосно незаштитени додека пребаруваат на интернет. Сепак, се забележува дека ова е последното проширување и дека корисниците треба да го искористат претстојниот период за да планираат премин кон посовремен хардвер или една од полесните Linux дистрибуции.
Корисниците кои веќе го користат Firefox 115 ESR не треба да прават ништо – ажурирањата ќе се применат автоматски. За оние кои сè уште се потпираат на постари системи, Firefox ESR останува единствениот релевантен и безбеден прозорец кон светот на интернетот.
Поврзани артикли
