Повеќе од 20 организации предупредуваат дека одложувањето на истрагата ги води европските медиуми во банкрот.
Европските издавачи, технолошки компании и стартапи ги повикаа регулаторите на Европската унија да ја прекинат речиси двегодишната истрага против Google на Alphabet Inc. за наводно фаворизирање на сопствените услуги во пребарувањата и да ја казнат компанијата.
Во писмото до европските лидери, кое го виде Ројтерс, се вели дека истрагата мора да биде завршена до следната недела.
Потписниците вклучуваат влијателни организации како што се Европската технолошка алијанса, Европската асоцијација на списанија и медиуми и Европскиот совет на издавачи, во кој се вклучени Axel Springer, News Corp. и Condé Nast.
„Секој ден што поминува дополнително ја поткопува профитабилноста на европските компании, попречувајќи ја нивната способност да инвестираат и да растат. Многумина веќе се соочуваат со финансиски тешкотии или дури и банкрот поради однесувањето на Alphabet“, се вели во заедничкото писмо.
Истрагата беше започната на 25 март 2024 година, согласно Законот за дигитални пазари (DMA), кој има за цел да ја ограничи доминацијата на американските технолошки гиганти.
Регулаторот има за цел да ги реши ваквите случаи во рок од 12 месеци, но процесот трае речиси две години, предизвикувајќи незадоволство на европскиот пазар.
Издавачите и стартапите бараат Комисијата да донесе формална одлука за непочитувањето на прописите на ЕУ од страна на Alphabet, како и наредба за запирање на спорните практики, со казна што ќе спречи слично однесување во иднина.
Google предложи низа мерки во текот на изминатата година за да ги смири конкурентите и регулаторите, но конкурентите тврдат дека овие предлози се недоволни.
Американската компанија продолжува да негира дека ги фаворизира сопствените услуги во резултатите од пребарувањето.
