По Франција и други земји, Велика Британија исто така ја истражува платформата X.
Британскиот медиумски регулатор Ofcom отвори формална истрага против платформата X, во сопственост на Илон Маск, за да утврди дали компанијата ги почитува своите обврски според Законот за безбедност на интернет (Online Safety Act) и ги заштитува корисниците од нелегална содржина генерирана од вештачка интелигенција (AI).
Истрагата беше покрената по сериозни извештаи дека алатката за вештачка интелигенција Grok, интегрирана во платформата X, била користена за креирање и споделување неодобрени интимни слики и сексуално несоодветна содржина што вклучува деца (CSAM).
Ofcom истражува дали X презела сите потребни чекори за да ги спречи корисниците во Велика Британија да гледаат нелегална содржина и да ја отстрани што е можно поскоро.
Дополнително, регулаторот сака да утврди какви мерки презел X за да ги заштити корисниците од прекршување на законот за приватност, како ги проценил ризиците за децата и како ја имплементирал заштитата од порнографија за малолетни корисници.
„Извештаите за Grok кој креира и споделува нелегални интимни слики и сексуално несоодветна содржина што вклучува деца се длабоко загрижувачки. Платформите мора да преземат соодветни мерки за да ги заштитат корисниците во Велика Британија, особено децата“, изјави портпаролот на британскиот регулатор.
Доколку Ofcom утврди дека X ги прекршил законите на Велика Британија, може да побара од платформата да ги почитува прописите и да плати отштета, како и парична казна до 18 милиони фунти или 10 проценти од глобалниот промет на компанијата.
Во најсериозните случаи, Ofcom може да побара забрана, да го блокира пристапот до платформата или да им забрани на британските фирми да обезбедуваат услуги за плаќање и рекламирање за X, според веб-страницата на регулаторот.
