Извршниот директор на Instagram, Адам Мосери, официјално ги негираше тврдењата дека компанијата ги користи микрофоните на телефоните на корисниците за таргетирање реклами.
Тој изјави дека ова би претставувало значително кршење на приватноста, но исто така и дека корисниците лесно би можеле да го забележат таквото следење преку светлото на горниот дел од екранот и побрзото празнење на батеријата, објавува порталот Tech Crunch.
Мосери објасни дека препораките и рекламите до корисниците се базираат на информации што огласувачите ги споделуваат за посетителите на нивните страници, како и на алгоритамски споредби на интересите на слични корисници.
Ова им овозможи на платформите на Meta да креираат прецизни реклами без да мора да слушаат приватни разговори.
Тој забележува дека алгоритмите сега работат во комбинација со човечката психологија и случајност, што понекогаш создава впечаток дека Instagram ги чита мислите на корисниците.
Американската технолошка компанија Meta, сопственик на Facebook и Instagram, објави дека ќе почне да прикажува реклами и други препораки до корисниците врз основа на нивните интеракции со дигиталниот асистент на компанијата Meta AI.
Промената стапува на сила на 16 декември, а корисниците постепено ќе добиваат информации за оваа промена од 7 октомври. Ажурирањето прво ќе биде достапно во Велика Британија и Европската Унија, со стандардни регулаторни проверки.
Технолошкиот портал истакнува дека Instagram нема да има потреба ниту да ги слуша корисниците преку микрофонот, бидејќи веќе ќе има на располагање голема количина на кориснички податоци.