Роботско куче започна со патроли на терен во кинескиот град Хангжу, како дел од пилот-проект за подобрување на градското управување преку напредни технологии, објавија локалните власти.

Сребрено-сивиот робот моментално е во фаза на тестирање и се користи во подокругот Кингбо за откривање проблеми како што се нелегално паркирање и блокади на патиштата, изјави Ву Веи, заменик-шеф на локалниот тим за спроведување на законот, цитиран од „Глобал тајмс“.

Роботот користи комбинација од вештачка интелигенција, HD камери и повеќе сензори за автономно патролирање, собирање докази во реално време и емитување предупредувања за јавна безбедност до граѓаните.

Уредот може да работи континуирано до четири часа, а се движи на тркала за заштеда на енергија, со можност за преминување пречки и искачување на падини.

Локалните власти очекуваат роботското куче официјално да влезе во целосна употреба кон крајот на октомври, по што неговите рути и функционалности ќе бидат проширени. Проектот е дел од поширока иницијатива за распоредување паметни патролни системи во кинеските градови, вклучувајќи ги и претходните тестови во Шенжен.

Ву рече дека употребата на роботски кучиња може да ја подобри ефикасноста на спроведувањето на законот, да ги олесни човечките ресурси и да отвори нови можности за управување со градот со помош на технологијата.