На 4 септември 1998 година беше основана една од највлијателните технолошки компании на модерната ера – Google.

Компанијата започна во гаража во Менло Парк, Калифорнија, каде што нејзините основачи, Лари Пејџ и Сергеј Брин, решија официјално да ја регистрираат.

Всушност, целата приказна започна две години порано, кога Пејџ и Брин се сретнаа на Универзитетот Стенфорд.

Нивното заедничко истражување доведе до развој на алгоритам наречен PageRank, кој ги рангираше веб-страниците според важноста на линковите што водат до нив – пристап кој беше многу понапреден од постојните пребарувачи од тоа време, кои главно се потпираа на клучни зборови без подлабоко разбирање на врската помеѓу содржината.

Името „Google“ е создадено како игра на зборови со математичкиот термин „googol“, што значи број 1 проследен со сто нули. Идејата беше симболична – да се покаже мисијата на компанијата да ги организира огромните количини на информации достапни на Интернет и да ги направи достапни и корисни за сите.

Тие започнаа со капитал од 100.000 долари, а растот на компанијата беше неверојатно брз. До почетокот на 2000-тите, Google воспостави доминација во интернет пребарувањето и продолжи да ги проширува своите услуги.

Денес, дваесет и пет години по своето основање, Google повеќе не е само пребарувач, туку глобален технолошки гигант кој работи под чадорот на компанијата Alphabet, со услуги како што се Gmail, Google Maps, Android, YouTube и други.