Русија планира да развие сопствен патнички авион со широк труп, бидејќи плановите за заедничко производство со Кина сè уште не се спроведени, изјави шефот на Ростек, Сергеј Чемезов.

„Кинезите одлучија дека засега ќе го произведуваат сами. Ќе се обидеме и ние да произведуваме наш сопствен авион. Откако ќе го произведеме моторот PD-35, ќе изградиме наш сопствен авион со широк труп“, им рече Чемезов на новинарите во Самара.

Русија и Кина разговараа за заедничкиот развој на руско-кинескиот широкотрупен патнички авион CR929 и во 2014 година потпишаа договор за соработка. Основана е Кинеско-руската меѓународна корпорација за комерцијални авиони (CRAIC), која стана главен оператор на проектот.

Комерцијалните испораки требаше да започнат по 2025 година, но пандемијата на Ковид ги принуди партнерите да го одложат рокот за 2028 или 2029 година. Нова пречка беа западните санкции врз Русија, кои го променија форматот на соработка. Кина го презеде проектот, а Русија стана договорен производител само на одредени делови од авионот.

„Го променивме форматот на учество во проектот, па затоа се потребни соодветни промени и во меѓувладините документи. Со други зборови, приближно како во проектот за хеликоптери, односот ги вклучува клиентот и подизведувачот“, објасни првиот вицепремиер на Русија Денис Мантуров пред новинарите во мај 2024 година.

фото: принтскрин