На воена парада во Кина беа претставени неколку нови ракетни и одбранбени системи покажувајќи колку бргу земјата го развива својот стратешки арсенал.

Една од најзначајните беше „Донгфенг-5Ц (ДФ-5Ц)“, нова варијанта на кинеската интерконтинентална балистичка ракета способна за нуклеарно оружје. Аналитичарот за одбрана Александар Нил забележа дека „ДФ-5Ц“ има поголем дострел и може да носи до 12 бојни глави на една ракета.

Станува збор за двостепена ракета на течно гориво, напојувана од две последователни ракетни фази, секоја со свој мотор. Сместена е во подземни силоси и служи како стратешко средство за одвраќање.

Според Нил, „Донгфенг-5“ е дизајниран да биде лансиран од кинеските силос полиња на северот од земјата, од каде што може да погоди цели во континенталниот дел на САД. Центарот за стратешки и меѓународни студии вели дека ракетата може да носи големи нуклеарни бојни глави и да достигне цели во САД и во Западна Европа.

На парадата беше претставен и „Донгфенг-61“ („ДФ-61“), долгоочекувана ракета дизајнирана да влезе во делумна орбита и да испорача хиперсонично оружје. Станува збор за мобилна ракета на патна база, што ѝ дава голема мобилност. Во комбинација со мобилен фрлач (TEL) може лесно да се скрие, бргу да се наполни со гориво и да се распореди на разни локации држејќи го противникот во неизвесност.

Д-р Сидхарт Каушал, водечки експерт за ракети во лондонскиот тинк-тенк RUSI, истакна уште два нови хиперсонични система – „YJ-17“, хиперсонично летало за едрење, и „YJ-19“, хиперсонична крстосувачка ракета.

Кина исто така инвестира многу во развој на вештачката интелигенција и автономното оружје. Пример за ова е „AJX002“, џиновски подводен дрон долг 18 метри, способен да носи нуклеарно оружје.

Покрај ракетните системи, беше прикажано и ласерско оружје монтирано на осумтркален оклопен камион „HZ-155“. Според Александар Нил, ова е исклучително моќен систем, кој може да ги онеспособи или запали електронските уреди, па дури и да ги заслепи пилотите.

Нуклеарниот арсенал на Кина моментно се проценува на стотици ракети, значително помал од арсеналите на Русија и на САД, кои се мерат во илјадници. Но, тој бргу расте, а Кина развива иновативни начини за паралелно испорачување на своите бојни глави.

фото: принтскрин