Американската технолошка корпорација Intel денес предупреди за можни негативни реакции од инвеститорите, вработените и другите.

Причината, како што се вели, е тоа што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп презела 10% удел во компанијата.

Наведувајќи ги ризиците поврзани со договорот, компанијата ја истакна меѓународната продажба како клучна област на загриженост, со оглед на тоа што 76% од приходите на Интел во последната фискална година дошле надвор од САД, објави CNBC.

Според поднесениот извештај до Комисијата за хартии од вредност на САД, компанијата имала приход од 53,1 милијарди долари (околу 45,9 милијарди евра) за фискалната 2024 година, што е пад од 2% во однос на претходната година.

За меѓународните клиенти на Интел, компанијата сега е директно поврзана со постојано менувачките тарифни и трговски политики на претседателот Трамп.

„Може да има негативни реакции, веднаш или со текот на времето, од инвеститори, вработени, клиенти, добавувачи, други деловни или комерцијални партнери, странски влади или конкуренти, како и судски спорови поврзани со трансакцијата, како и зголемена јавна или политичка контрола врз компанијата“, се вели во соопштението на производителот на компјутерски компоненти.

Интел додаде дека потенцијалот за промена на политичкиот пејзаж во Вашингтон може да го оспори или поништи договорот и да создаде ризици за сегашните и идните акционери.

Договорот, објавен во петок, му дава на Министерството за трговија на САД до 433,3 милиони акции од компанијата.

Купувањето акции се финансира во голема мера од пари доделени на Интел според Законот за чипови и наука (CHIPS and Science Act), закон донесен од претседателот Џо Бајден.

Законот нуди даночни олеснувања за компаниите што произведуваат процесори во Соединетите Американски Држави.