Apple сега не мора да обезбедува пристап до шифрираните податоци на корисниците.
Обединетото Кралство се откажа од барањето производителот на iPhone, Apple, да обезбеди „задна врата“ (backdoor) што би овозможила пристап до шифрираните податоци на американските граѓани, изјави директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард.
Договорот е постигнат по месеци разговори меѓу Вашингтон и Лондон, со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, објави Ројтерс.
Британскиот премиер Кир Стармер беше во Вашингтон на состанок со Трамп и европските лидери, каде што една од темите беше соработката во безбедносната политика во контекст на војната во Украина.
Портпаролот на британската влада изјави дека Лондон „секогаш ќе презема секакви мерки за да ги заштити своите граѓани“, но не потврди директно постоење на договор со Соединетите Американски Држави.
Барањето на Лондон до Apple да обезбеди пристап до енкриптирани кориснички податоци предизвика остри критики во Конгресот на САД.
Американските пратеници во тоа време предупредија дека отворањето „задна врата“ може да доведе до злоупотреба од страна на сајбер криминалци и авторитарни режими.
Спорот, исто така, го покрена прашањето за усогласеност со билатералниот договор меѓу Лондон и Вашингтон наречен CLOUD Act, кој им забранува на британските власти да бараат податоци од американски граѓани и обратно.
Apple привремено ја повлече опцијата за напредна заштита на податоци (Advanced Data Protection) за корисниците во Велика Британија, но остана на ставот дека никогаш нема да гради алатки за да ја пробие сопствената енкрипција.
„Задна врата“ во технологијата е скриен начин за пристап до уред, апликација или податоци што ги заобиколува вообичаените безбедносни мерки и им овозможува на трета страна – без разлика дали е тоа влада, компанија или хакер – да гледа приватни информации.