Официјалниот профил на Белата куќа на TikTok, под корисничкото име @whitehouse, е дел од поширока комуникациска стратегија за ширење на пораките на претседателот Доналд Трамп.

Белата куќа отвори официјален TikTok профил под корисничкото име @whitehouse, а првото видео го прикажува претседателот Доналд Трамп со пораката: „Јас сум твојот глас“.

@whitehouse

America we are BACK! What’s up TikTok?

♬ original sound – The White House

Администрацијата објасни дека сака да ги користи сите достапни платформи за да допре до поширока публика, особено до помладите корисници.

„Посветени сме да ги истакнеме историските достигнувања на претседателот Трамп“, изјави портпаролката Каролин Левит.

Отворањето на сметката доаѓа во време кога во САД беснее правна битка околу иднината на TikTok. Законот од 2024 година бара од кинеската компанија ByteDance да ги продаде своите американски операции или да се соочи со забрана за апликацијата. Рокот е продолжен неколку пати, а последниот датум е 17 септември оваа година.

TikTok има повеќе од 150 милиони корисници во САД, па затоа потегот на Белата куќа привлекува дополнително внимание од јавноста.