Dropbox објави дека целосно ќе ја прекине својата услуга за лозинки на крајот на октомври оваа година.

Dropbox Passwords, услуга за складирање лозинки, ќе биде трајно исклучена на 28 октомври 2025 година, објави компанијата.

Алатката беше лансирана од Dropbox во 2020 година, но повеќе не е во развој, соопшти компанијата. Корисниците ќе треба да ги преземат и префрлат своите лозинки на други услуги до тој датум, бидејќи сите податоци ќе бидат трајно избришани.

Почнувајќи од 28 август 2025 година, корисниците ќе можат да го користат режимот view-only само за постојните лозинки – повеќе нема да можат да додаваат нови, ниту пак ќе можат да ја користат опцијата за автоматско пополнување.

Почнувајќи од 11 септември, мобилната апликација ќе престане да работи, а податоците ќе бидат достапни само преку екстензија на интернет прелистувачот.

Конечно, на 28 октомври, Dropbox Passwords целосно се исклучува.

Dropbox вели дека сите корисници можат да ги извезат своите лозинки директно од апликацијата или екстензијата. Како алтернатива, препорачува услуги како 1Password и Bitwarden, кои нудат лесни можности за импорт на податоци.

Доколку корисниците не преземат мерки до крајниот рок, нивните лозинки ќе бидат трајно избришани, без начин да се вратат.