Дoдека Марк Цукерберг се обидуваше да фати чекор во трката за генеративна вештачка интелигенција, пред неколку месеци ѝ се обрати на поранешната техничка директорка на OpenAI, Мира Мурати, со понуда да го купи нејзиниот нов стартап Thinking Machines Lab.
Кога таа ја одби понудата, Цукерберг почна целосна офанзива. Во неделите што следуваа стапи во контакт со повеќе од десетина вработени од нејзиниот 50-член тим обидувајќи се да ги убеди да преминат во неговата компанија. Главна цел му бил Ендру Талок, истакнат истражувач и коосновач на стартапот.
За да го добие, Цукерберг понудил пакет, кој, со бонуси и пораст на акциите, би можел да достигне и до 1.5 милијарда долари во рок од најмалку шест години, според извори запознаени со понудата.
Талок ја одбил понудата. Никој од неговите колеги исто така не заминал.
Портпаролот на Meta, Енди Стоун, го нарекол извештајот за понудата неточен и смешен нагласувајќи дека висината на компензацијата зависи од растот на акциите. Додал дека Meta нема интерес за преземање на Thinking Machines.
Дури и во Силиконската Долина, каде што врвните инженери имаат огромна пазарна вредност, ретко се случува некој да одбие деветцифрени износи. Но како што расте борбата за таленти во областа на вештачка интелигенција (AI), дури и компаниите со најголеми буџети сфаќаат дека парите не се секогаш доволни.
Лојалност кон лидерите
Додека некои истражувачи се однесуваат како слободни агенти во потрага по поголема плата и влијание, други покажуваат непоколеблива лојалност кон своите лидери – харизматични фигури, кои во технолошката индустрија имаат статус на рок-ѕвезди. Културата во стартапите силно ги поврзува вработените. Истовремено, по години меѓусебно крадење кадри, тимовите стануваат вешти во самозаштита.
OpenAI и стартапите што ги основале поранешни вработени, како оној на Мурати, често се цел на Цукерберг.
Од самиот почеток на трката за AI пионерите привлекуваа истражувачи со ветување дека ќе учествуваат во историска мисија – создавање вештачка општа интелигенција (AGI), систем попаметен од човекот во повеќето задачи. OpenAI ја претвори оваа мисија во своевидна квазирелигиозна потрага, со непрофитна повелба. која гарантира дека трудот ќе ѝ служи на човечноста.
Meta веќе стапила во контакт со повеќе од 100 вработени во OpenAI и успеала да вработи најмалку десетмина. На 25 јули Цукерберг го назначи кинескиот истражувач Шенгји Жао, кој поминал три години во OpenAI, за раководител на новиот тим за суперинтелигенција.
Тие што засега ја одбиле понудата велат дека веруваат во мисијата на OpenAI сакаат да работат во помали компании и не сакаат нивниот труд да заврши во производи водени од рекламирање.
Мурати, Сацкееверс и отпорот кон перење кадри
Уште помал успех Цукерберг има со Anthropic, стартап вреден 170 милијарди долари, кој го води Дарио Амодеи – поранешен член на OpenAI, кој со себе повлекол врвни стручњаци. Сите седум коосновачи на Anthropic сè уште се дел од компанијата. Многумина се поврзани преку движењето за ефективен алтруизам, кое уште пред десет години предупредуваше дека AI може да излезе од контрола и да го загрози човештвото.
Некои дури живееле заедно во куќа во Сан Франциско дискутирајќи како најдобро да го донираат своето богатство и како да се справат со ризиците од AI.
Засега Цукерберг успеал да вработи само двајца поранешни вработени на Anthropic – Џоел Побар и Антон Бахтин – и двајцата со претходно искуство во Meta.
Стартапот Safe Superintelligence SSI, основан лани од Иља Сацкееверс, исто така е речиси отпорен на обиди за регрутирање. Наместо да доведе познати кадри OpenAI, Сацкееверс се фокусирал на неафирмирани таленти со нови идеи, кои тој лично ги менторира. Вработените се обесхрабруваат да го наведуваат SSI на LinkedIn – токму за да избегнат лов на глави. На почетокот од годината и Сацкееверс ја одбил понудата на Цукерберг.
Која е Мира Мурати, Албанката што ја тресе Силициумската Долина: Ја напушти OpenAI, па создаде компанија
Родена во Албанија, Мурати поминала шест години во OpenAI како техничка директорка раководејќи речиси со сите клучни аспекти на компанијата. Била позната по емоционалната интелигенција и скромноста, што ѝ ја донело лојалноста на истражувачите и инженерите.
Во Thinking Machines воспоставила слична, рамна хиерархиска структура – сите, дури и најискусните истражувачи, имаат титула член на техничкиот тим, инспирирано од некогашниот Bell Labs.
Кога во февруари ја основала Thinking Machines, повеќе од 20 поранешни колеги од OpenAI ѝ се приклучиле, вклучувајќи го и Џон Шулман – еден од клучните умови зад ChatGPT, кој претходно преминал во Anthropic. Најголем дел од нејзините нови вработени доаѓа од посттренинг-тимот на OpenAI, кој го создал ChatGPT и го учел како да комуницира со луѓето.
Инвеститори неодамна вложиле 2 милијарди долари во нејзиниот стартап, иако некои од нив сè уште не знаат точно на што работи. Декларирана мисија: „Да се направи AI поразбирлива, пофлексибилна и општо поспособна“.
Набргу најавила лансирање на прв производ, со мултимодална AI, која функционира „како што природно комуницирате со светот“. Уредот го сместиле во тивок дел во Сан Франциско, неколку улици оддалечен од OpenAI.
Meta и Талок – уште една пропуштена можност
„Вирд“ претходно објави дел од обидите на Meta да ги регрутира кадрите од Thinking Machines.
Ендру Талок, коосновачот на компанијата, бил централна цел на кампањата. Цукерберг и Александар Ванг, новиот шеф на тимот за суперинтелигенција во Meta, му праќале многубројни пораки за да го убедат да им се приклучи.
Роден во Австралија, Талок дипломирал на Универзитетот во Сиднеј со највисок просек меѓу студентите по природни науки. Работел во Facebook 18 месеци пред да се запише на постдипломски студии во Кембриџ, а потоа се преселил во Калифорнија, каде што станал distinguished engineer во тимот за вештачка интелигенција – една од највисоките технички позиции.
„Беше познат како екстремен генијалец“, вели Мајк Вернал, поранешен директор во Facebook.
Уште во 2016 година, три години по неговото доаѓање во Facebook, претседателот на OpenAI, Грег Брокман, се обидел да го регрутира. Во е-пошта до Илон Маск, Брокман напишал дека Талок тогаш добивал 800.000 долари годишно во Facebook и дека веројатно ќе бара повеќе. OpenAI тогаш нудел 175.000 долари плата, со бонус од 125.000.
„Ендру е многу блиску до ‘да’. Но загрижен е поради големото намалување на платата“, напишал Брокман на 21 февруари. Талок тогаш не прифатил.
Во OpenAI се приклучил дури седум години подоцна, во момент кога ChatGPT веќе беше глобален феномен.