Компанијата OpenAI е во завршна фаза на развој на нов интернет прелистувач базиран на вештачка интелигенција, кој треба да се натпреварува со прелистувачи како Google Chrome или Mozilla Firefox.
Како што објави Ројтерс, повикувајќи се на доверливи извори, новиот прелистувач би можел да биде претставен во наредните недели, а неговата цел е фундаментално да го промени начинот на кој корисниците пребаруваат на интернет со помош на вештачката интелигенција.
Доколку овој производ биде прифатен од 500 милиони активни корисници на ChatGPT неделно, OpenAI би можел да добие директен увид во вредните податоци за корисниците, што е клучен извор на приходи за Google, кој ги користи податоците собрани преку Chrome за поцелно рекламирање, објаснува Ројтерс.
Chrome моментално претставува важен столб на бизнис моделот на матичната компанија на Google, Alphabet, бидејќи придонесува за генерирање реклами кои носат околу три четвртини од вкупните приходи на технолошкиот гигант.
Според изворите, новиот веб прелистувач би можел директно да интегрира производи на OpenAI како што е „Operator“, агент за вештачка интелигенција кој извршува задачи во име на корисниците, како што се резервирање или пополнување формулари директно во рамките на веб-страниците што ги посетува корисникот.