Корисниците на Gmail конечно добиваат моќна алатка за одјавување од несакани мејлинг листи – сè од едно мени.
Компанијата Google објави нова функција во Gmail наречена Manage Subscriptions – „Управување со претплати“, која ќе им овозможи на корисниците лесно да ги видат сите мејлинг листи на кои се претплатени и да се одјават од несакани newsletter-и – без да мора да влегуваат во секоја е-пошта поединечно.
Новата функција автоматски ги сортира промотивните испраќачи врз основа на бројот на е-пораки што сте ги примиле во последните неколку недели. До секој испраќач има копче „Unsubscribe“ што ви овозможува да се одјавите од листата без да ја отворите е-маилот.
Исто така, корисниците можат да ги прегледаат претходните комуникации со секој од испраќачите пред да се откажат.
На десктоп верзијата на Gmail, корисниците можат да пристапат до функцијата со кликнување на менито лево (под „Inbox“) и избирање на „Manage subscriptions“.
На мобилната апликација за Android, функцијата се наоѓа во менито (три хоризонтални линии во горниот лев агол) и доаѓа на iOS уредите подоцна овој месец.
Google објави план за постепено воведување на функцијата:
- Веб верзија: 8 јули 2025 година за Rapid Release домени, до 28 јули за сите корисници.
- Android: од 14 јули до крајот на месецот.
- iOS: од 21 јули, со постепено воведување во текот на следните две недели.
Функцијата ќе биде достапна за сите корисници со лични Google сметки, како и за организации што користат Google Workspace во поддржаните земји.
Google исто така ја засилува борбата против спамот
Покрај оваа функција, Google објави и подобрувања во заштитата на корисниците од несакана содржина. Благодарение на вештачката интелигенција, бројот на фишинг и спам пораки во Gmail е намален за 35%, вели компанијата. На корисниците им се препорачува и да овозможат двофакторска автентикација за поголема безбедност на сметката.