Тие веќе поминаа доволно време во притвор чекајќи судење.

Четворица Руси, за кои се верува дека се членови на озлогласената хакерска група REvil, се осудени на пет години затвор во Русија за финансиска измама и ширење малициозен софтвер, но веднаш по пресудата беа ослободени.

Според странските медиуми, станува збор за Роман Муромски, Андреј Бесонов, Михаил Головачук и Дмитриј Коротаев, кои беа уапсени во 2022 година во голема операција на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), делумно како одговор на притисокот од САД.

Иако се соочија со сериозни обвиненија, пресудата не се однесуваше на нивните најзвучните напади со рансомвер, туку на кражбата и злоупотребата на кредитни и подарок картички, особено од американски граѓани.

Судот во Санкт Петербург пресуди дека сите осомничени веќе отслужиле доволно време во притвор и веднаш беа ослободени од затвор откако им беше изречена пресудата.

Како дел од истрагата, руските власти запленија луксузни автомобили, вклучувајќи „БМВ“ и „Мерцедес“, како и повеќе од 1 милион долари во готовина и дигитални средства.

Интересно е што и покрај тоа што се во тек обвиненија во САД и меѓународни потерници, ниту еден од уапсените нема да биде екстрадиран на американските власти. Москва ретко ги екстрадира своите граѓани, особено кога станува збор за хакерски групи кои не напаѓаат руски цели.

Кои се REvil?
REvil (скратено од „Ransomware Evil“) е една од најпознатите хакерски групи одговорна за бројни сајбер напади врз големи западни компании, обично барајќи милиони долари откуп во криптовалути. Меѓу најпознатите цели беше американскиот гигант за ИТ услуги Kaseya.

Експертите за сајбер безбедност велат дека пресудата е повеќе политичка порака отколку судски крај на приказната, додека сè уште се чека евентуален одговор од Вашингтон.