Компанијата Fairphone ја претстави својата најнова верзија на одржлив паметен телефон – Fairphone 6, познат и како Fairphone (Gen. 6).

Новиот модел носи значителни подобрувања во однос на својот претходник, вклучувајќи помоќен чипсет Snapdragon 7s Gen 3, поголема батерија од 4.415 mAh и иновативен систем на додатоци што се монтира на задната страна од телефонот.

Како и претходно, овој телефон е дизајниран да трае и да биде лесен за поправка, а Fairphone обезбедува резервни делови и видео упатства за замена на сите клучни компоненти. Fairphone 6 е неутрален во однос на „е-отпад“, склопен во фабрики со фер услови за работа и има висок рејтинг за поправка според новата енергетска ознака на Европската Унија. Исто така, доаѓа со петгодишна гаранција и осумгодишна софтверска поддршка, што е реткост во индустријата.

Што се однесува до техничките спецификации, Fairphone 6 има 6,31-инчен LTPO OLED дисплеј со FHD+ резолуција и прилагодлива брзина на освежување од 10 до 120Hz. Екранот е заштитен со Corning Gorilla Glass 7i и достигнува максимална осветленост од 1.400 нити. Предната камера има резолуција од 32MP.

Благодарение на помалиот екран, телефонот е 19 грама полесен од Fairphone 5, а е и пократок и потесен. Телефонот има мат композитно тело, со IP55 заштита од вода и прашина, и е отпорен на падови од висина до 1,5 метри.

Новина на оваа генерација е можноста за прикачување додатоци на задната страна од телефонот – по отстранување на два завртки, може да се додаде држач за картичка, ремен за носење или прстен за прст. Исто така, воведено е и специјално жолто копче за режимот „Моменти“, кое го активира дигиталниот детокс – корисничкиот интерфејс станува црно-бел, а достапен е само ограничен број основни апликации.

На задната страна се наоѓа главна камера од 50MP со сензор Sony Lytia 700C и оптичка стабилизација на сликата, заедно со ултраширока камера од 13MP. Телефонот доаѓа во една конфигурација на меморија: 8GB LPDDR5X RAM и 256GB UFS 3.1 складирање, кое може да се прошири преку microSD картичка.

Батеријата поддржува брзо полнење од 30W, а во сегментот на софтвер, корисниците можат да изберат помеѓу две верзии: стандарден Android 15 или поприватна, без Google платформа /e/OS, базирана на Android Open Source Project и без Google апликации и услуги.

Fairphone 6 ќе биде достапен во три бои: Cloud White, Forest Green и Horizon Black. Цената за верзијата со Android 15 платформата е 599 евра, додека моделот со /e/OS чини 649 евра.