Големата австралиска авиокомпанија „Квантас“ потврди утрово дека била погодена од сајбер напад во кој хакерите пристапиле до личните податоци на околу шест милиони нејзини клиенти, додавајќи дека системот оттогаш е ставен под контрола.

„Инцидентот се случил кога сајбер криминалец нападнал центар за повици и пристапил до платформа за услуги на клиенти од трета страна. Нема влијание врз работењето или безбедноста на авиокомпанијата“, се вели во соопштението на „Квантас“.

Австралиската компанија наведе дека околу шест милиони клиенти имаат сервисни записи на платформата од трета страна, каде што „Квантас“ забележал „необична активност“ во понеделникот.

„Продолжуваме да го истражуваме обемот на украдените податоци, но очекуваме дека количината ќе биде значителна. Првичната анализа потврди дека податоците вклучуваат имиња на клиенти, е-адреси, телефонски броеви, датуми на раѓање и броеви на членство во програмата за лојалност“, се вели во соопштението на „Квантас“.

Компанијата нагласи дека „податоците за кредитни картички, личните финансиски информации и податоците за пасошот не се складирани во овој систем“. „Нема сметки на патници со чести летови кои се компромитирани и не се добиени лозинки, ПИН-кодови или детали за најавување“, се вели во соопштението, извинувајќи им се на клиентите.

Извршната директорка на „Квантас груп“, Ванеса Хадсон, изјави дека компанијата „тесно соработува со експертите за сајбер безбедност на австралиската влада“.