Кина го заврши првото клиничко тестирање на мозочен имплант кој овозможува компјутер да се контролира со мисли.
Истражувачкиот центар CEBSIT во Шангај и Универзитетската болница Хуашан успешно имплантираа безжичен BCI уред кај пациент со тетраплегија.
Пациентот е маж кој бил парализиран на сите четири екстремитети по несреќа со висок напон. По само неколку недели обука, тој бил во можност да контролира електронски уреди со својот ум – играјќи тркачки игри и шах. „Се чувствувам како да можам да се движам по волја“, го опишал своето искуство.
Уред со големина на монета
Кинескиот уред BCI (Brain-Computer Interface) има дијаметар од 26 mm и дебелина помала од 6 mm, што го прави со големина на монета. Компактниот дизајн на уредот се справува со предизвиците на имплементацијата на BCI технологијата. За разлика од традиционалните импланти кои бараат целосен засек на черепот, овој систем се вклопува во вдлабнатина со големина на монета создадена на површината на черепот над моторниот кортекс, за што е потребна само дупка од 5 милиметри во коската.
Кинескиот имплант е наводно 100 пати пофлексибилен од Neuralink на Маск. Оваа флексибилност му овозможува да се поврзе со мозочното ткиво, а воедно да ги минимизира потенцијалните оштетувања и имунолошките реакции, што е важно за долгорочен успех на имплантот.
Хирурзите посветија посебно внимание на безбедноста на постапката. Пред операцијата, тие создадоа детална мапа на мозокот на пациентот користејќи МРИ и 3Д моделирање. Ова им овозможи да ги постават електродите со милиметарска прецизност на вистинското место во моторниот кортекс.
Контрола како здрава личност
Тестот покажа одлична контрола по само кратка тренинг сесија. За само две до три недели, пациентот научи да игра шах и тркачки игри користејќи само своите мисли. Тој го управуваше компјутерот исто како и здрава личност со тачпед. Ова е исклучително брз напредок за овој тип технологија.