Производителот на луксузни часовници Vacheron Constantin има посебен оддел, Les Cabinotiers, чии часовничари се специјализирани за создавање уникатни и персонализирани часовници.
За 2025 година, швајцарскиот бренд претстави уникатен модел кој ја покажува неговата техничка моќ, со малку подолго име Vacheron Constantin Les Cabinotiers Temporis Duo Grand Complication Openface.
Куќиштето на часовникот е изработено од розово злато и има дијаметар од 45 mm и дебелина од 16,4 mm. Сафирни кристали се поставени и на предната и на задната страна од часовникот, откривајќи ја сложената механика во куќиштето.
Часовникот доаѓа со ремен од зелена кожа од алигатор, кој се затвора со преклопна копча, исто така изработена од розово злато, обликувана во препознатливиот мотив на малтешкиот крст, симболот на куќата Vacheron Constantin.
Во овој модел, фокусот е целосно на врвната часовничарска изработка. Часовникот е опремен со транспарентен сафирен кристален бројчаник, кој овозможува поглед на исклучително сложениот механизам.
Бројчаникот е дебел само 0,5 мм, со полирана површина и мат ленти за прикажување индикатори, одделени со тенки прстени од 5N розово злато. Мали зелени акценти на бројчаникот и стрелките се совпаѓаат со бојата на ременот, давајќи му на часовникот префинет изглед.
Низ транспарентниот бројчаник и сафирниот кристал на задната страна од куќиштето, можете да го видите калибарот 2757 S, рачно навиен механизам кој се состои од не помалку од 696 компоненти. Работи со фреквенција од 18.000 вибрации на час (2,5 Hz). Има резерва на енергија од приближно 58 часа.
Цената на часовникот е достапна само по барање, но ваквите часовници Vacheron Constantin обично чинат стотици илјади евра.
Поврзани артикли